Се бараат волонтери!

НФИН има потреба од активисти кои ќе ни помогнат да ги остваруваме нашите цели.
Степенот на образование, работниот статус и полето на експертиза не се битни. Сигурни сме дека ќе најдеме заеднички јазик.
Повелете, пријавете се на volonteri@nfin.org.mk

Како делуваме

Соработка со интернет-провајдерите

Основната активност на НФИН е соработката со интернет провајдерите и мобилните оператори во Република Македонија, како примарни канали за достап до Интернет.
Овие компании, доброволно имплементираат листи за филтрирање во кои би се содржеле адресите на сајтовите и другите интернет ентитети (социјални мрежи, инстант-комуникации, IRC канали и слично) кои докажано имаат содржини со кои сексуално се злоупотребуваат децата.
Всушност, се работи за еден вид на рецензија на содржините, која доброволно би била применувана од страна на интернет-провајдерите.
Листите кои ќе бидат применувани ќе бидат достапни на увид на заинтересираните.
Сите оние компании кои ќе соработуваат со НФИН имаат можност на своите сајтови да постават беџови и други информации со кои ќе ја потврдат својата соработка. Исто така, се издаваат и плакети за соработка.

Можност граѓаните да пријавуваат престапници

На својот веб-сајт, НФИН обезбеди начин граѓаните да можат да пријават сајтови и другите интернет ентитети на кои се забележани активности од областа на сексуалната злоупотреба на децата и младите.
Пријавувањето е анонимно, и се проверува од нашиот стручен тим пред да биде вклучено во листата.
Секоја пријава, откако ќе биде верифицирана (т.е. ќе биде докажано дека навистина се работи за закана) — се става во листата на рецензирани сајтови која автоматски се доставува до ISP-ата од Македонија (оние кои доброволно учествуваат). На тој начин, граѓанската пријава реално ќе биде ефектуирана со блокирање на престапничкиот сајт.

Подигање на свеста и едукација

НФИН, низ предавања, промотивни кампањи и друг вид активности врши континуирано подигнување на свеста и едукација на сите инволвирани и заинтересирани страни: децата и младите, родителите, наставниците и останатите вклучени во едукативниот процес, младинските организации и здруженија, итн.
Соработката со невладините организации кои се бават со заштита на децата и младите и нивните права е природно проширување на активностите, и размената на податоци и активности со овие НВО е многу важна.
Од интерес за соработка се и производителите на електронски едукативни содржини и друг софтвер кој го употребуваат децата и младите.
Повремените сондирања на јавното мислење за оваа проблематика ќе помогнат за увидување на состојбата и прилагодување на идните активности според потребите на заинтересираните страни.
НФИН издава билтени со анализа на тековната состојба во областа која ја покрива, кои ќе бидат широко објавувани и ќе помогнат во обликување на свеста на јавноста и интересентите.

Соработка со државни институции и органи

Бидејќи задачата за заштита на децата е од фундаментално значење, во соработката e вклучена и државата, низ нејзините различни органи и институции, особено оние кои имаат допирни точки со оваа проблематика.

Тука, пред сѐ, се мисли на Министерствата за образовaние и култура, информатичко општество, но и Министерството за внатрешни работи (како битно за сузбивање на ваквите активности), потоа Агенцијата за електронски комуникации, Бироата за основно и средно образование, локалната самоуправа, судско-обвинителните органи итн.

Соработка со странски организации

Во светот, особено во земјите на ЕУ, веќе повеќе години се воспоставени сродни организации. Обично се наречени „Internet Watch Foundation“.
Соработката со овие организации е од клучно значење, бидејќи тие поседуваат големо искуство, составени листи, воспоставени активности и знаење како да се справуваме со проблемите во оваа област.
Освен специјализираните организации, постојат уште многу светски, европски и регионални организации кои се занимаваат со заштита на децата и младите -- почнувајќи од Обединетите нации, преку органите на Европската унија, Советот на Европа, итн.

Интернет присуство

На своето интернет седиште, организацијата има известувања за своето работење, документи, совети за заштита, правни документи, новости од областа кај нас и во светот...

Известувања на јавноста

НФИН периодично издава анализи на состојбата од оваа тематика во Македонија, со препораки кон државните органи, граѓаните и стопанството. Овие анализи се широко публикувани, со што се подигнува свеста кај сите засегнати страни.

  Sign in   Terms   Report Abuse   Print page  |  Powered by Google Sites